Трагичен настан ја потресе локалната заедница во австриската општина Метмах, каде што 32-годишен пожарникар починал откако бил убоден од стршлен.
Според австриските медиуми, младиот пожарникар доживеал тежок анафилактичен шок. Набргу по убодот почнале да се појавуваат сериозни симптоми на алергиска реакција, меѓу кои отежнато дишење и губење на свеста.
Итните медицински служби пристигнале на местото и се обиделе да го реанимираат, но и покрај напорите, неговиот живот не можел да биде спасен.
Како што пренесуваат медиумите, 32-годишникот знаел дека има сериозна алергија на убоди од инсекти, но во моментот на несреќата наводно немал соодветна терапија при рака.
Неговите колеги од противпожарната служба со емотивни пораки се простиле од него, опишувајќи го како посветен и сигурен пожарникар кој секогаш бил подготвен да им помогне на другите.
„Тој не беше само колега, туку и пријател каков што ретко се наоѓа. Никогаш нема да те заборавиме“, порачале неговите колеги.
Случајот повторно укажува на опасноста што убодите од инсекти можат да ја претставуваат за лицата со тешки алергии. Анафилактичната реакција може да се развие многу брзо и бара итна медицинска интервенција.
Надлежните служби ги утврдуваат точните околности на трагичниот настан.







