ПРВ.мк
Свет

ИГРААТ ИГРИ, А МОЖЕ ДА СТАНАТ РАЗУЗНАВАЧИ: BND регрутира на Gamescom 2026

ИГРААТ ИГРИ, А МОЖЕ ДА СТАНАТ РАЗУЗНАВАЧИ: BND регрутира на Gamescom 2026

Германската Федерална разузнавачка служба (BND) започна необична кампања за регрутирање нови експерти за сајбер безбедност – овојпат меѓу гејмерите.

Претставници на германското разузнавање ќе бидат присутни на саемот за видео игри Gamescom 2026 во Келн, каде што ќе бараат млади луѓе чии способности би можеле да бидат корисни во справувањето со сајбер заканите, вклучително и нападите што Германија ги поврзува со Русија.

Од BND сметаат дека постои значително преклопување меѓу способностите на искусните гејмери и профилот на луѓе што им е потребен. Меѓу клучните карактеристики ги издвојуваат технолошката писменост, брзото решавање проблеми, упорноста и способноста за приспособување на различни ситуации.

За потенцијалните кандидати е подготвен и предизвик во пет чекори, преку кој ќе се тестираат нивните способности во областа на сајбер безбедноста.

BND отишла и чекор понатаму – развила сопствена видео игра наречена „BND Legends“, која посетителите ќе можат да ја испробаат на штандот на службата за време на Gamescom.

Портпаролката Јулија Линер изјавила дека новите кадри би можеле да станат дел од „новиот BND“, кој треба да се создаде во рамките на најавените реформи на германската разузнавачка служба.

„Гејмерите се технолошки вешти, сакаат да преземаат различни улоги, да завршуваат мисии и да истраат додека не успеат“, објаснила таа.

Кампањата доаѓа во период кога германската влада планира проширување на овластувањата на BND за дејствување во странство и посилен одговор на сајбер нападите.

Според британски „Телеграф“, една од позначајните промени би била можноста Германија поактивно да одговара на сајбер напади, наместо нејзините служби да останат исклучиво во дефанзивна позиција.

Германија во последните години се соочи со повеќе сајбер и безбедносни инциденти за кои постоеја сомневања дека се поврзани со Русија. Токму поради зголемените закани, Берлин настојува да ги засили капацитетите на своите разузнавачки служби.

Реформите, сепак, предизвикуваат и политички критики. Дел од германските партии предупредуваат дека проширувањето на овластувањата мора да биде придружено со силни механизми за контрола и заштита на приватноста.