Во периодот од 18 до 19 септември, заклучно со 07:30 часот, на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 20 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од вкупниот број, три пожари и натаму се активни, два се ставени под контрола, додека 15 пожари во текот на изминатото деноноќие биле целосно изгаснати.
Активни пожари во моментов има на три локации. Во Кривогаштани, на потегот меѓу селата Подвис и Кривогаштани, гори ниска вегетација. Пожар е активен и во ресенското село Евла, каде што гори ѓубре и ниска вегетација, како и во кумановското село Пчиња, каде исто така е зафатена ниска вегетација и отпад.
Под контрола се два пожари. Едниот е регистриран на подрачјето меѓу Македонски Брод и Сопиште, кај селото Белица, во месноста Кајорец, со ширење кон Јасен. Таму огнот зафатил нискостеблеста и мешана шума.
Вториот пожар кој е ставен под контрола е на територијата на Општина Ново Село, во близина на селото Бадилен, каде што гори шумска површина.
Во изминатите 24 часа пожарникарските и надлежните екипи успеале да изгаснат 15 пожари на отворен простор. Меѓу местата каде што биле регистрирани и локализирани пожари се и подрачјата на Скопје, Битола, Дебар, Штип, Карбинци, Виница, Берово, Куманово, Ранковце и Тетово.
Од ЦУК информираат дека состојбата на терен продолжува да се следи, а активностите за справување со пожарите се координираат со надлежните институции и служби.









