Четириесет и деветгодишен жител на Велес бил приведен откако полицијата при контрола на неговото возило, а потоа и при претрес во неговиот дом, пронашла материја за која постои сомнение дека е наркотична дрога, како и дигитални ваги, пари и други предмети.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 29 октомври, во 20:15 часот, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес го лишиле од слобода С.С. (49) од Велес.
При преглед на автомобилот „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, кој го управувал, полицајците пронашле и одзеле бела грутчеста материја.
По ова, со судска наредба бил извршен претрес и во неговиот дом. Таму биле пронајдени и одземени бела грутчеста и прашкаста материја, дигитални ваги, пари, како и други предмети кои ќе бидат предмет на понатамошна постапка.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен и надлежниот јавен обвинител.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на настанот против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.







