Општина Кавадарци заокружи една година исполнета со силен инвестициски циклус и реализација на значајни капитални проекти во сите клучни сектори – од спорт и патна инфраструктура, до водоснабдување, екологија и социјална заштита.
Меѓу најзначајните проекти кои го трансформираат градот се целосната реконструкција на Градскиот базен (1 милион евра), изградбата на нов затворен базен (1,2 милиони евра) и новиот СПА центар, како и модернизацијата на Спортскиот центар „Јасмин“ со нова куглана и гимнастичка сала. Дополнително, градот добива и нов Картинг центар на површина од 2.700 м².
Сериозни зафати се направени и во патната и комуналната инфраструктура – изградба на новиот мост Марена – Сопот, нов кружен тек на Северниот булевар, уредување на новиот кеј на Луда Мара, како и реконструкција на повеќе ключни водоводни мрежи и фекални колектори (Страгово – Крњево, Западен булевар – Сопот, Моклиште).
Во делот на екологијата и урбаниот развој, започна првата фаза од гасификацијата на Кавадарци, се уредува новата зелена целина „Кавадаречки Дол“ на 15.000 м², се гради нов Био пазар и се поставени фотоволтаични системи на 12 јавни установи.
Силно внимание е насочено и кон социјалната сфера преку изградбата на Дневен центар за лица со попреченост, нов Дом за стари лица со капацитет од 55 легла и современ Младински центар вреден 1 милион евра.
„Инвестираме денес, со јасна визија за иднината на Кавадарци. Ова е само почеток на уште поголеми цели за град каков што заслужуваат сите граѓани“, порачуваат од локалната самоуправа.




