Двајца малолетници на возраст од 17 и 16 години биле лишени од слобода во Тетово, откако се сомничат дека физички нападнале 62-годишен маж и му одзеле пари. Инцидентот се случил во близина на трговски центар, а ситуацијата дополнително се влошила кога жртвата успеала да задржи еден од напаѓачите.
Според информациите од полицискиот билтен, настанот се случил вчера, околу 12:30 часот, кога двајцата малолетници од Тетово го нападнале М.Ш. (62) од селото Одри, тетовско, по што му ги одзеле парите.
Во еден момент, 62-годишникот успеал да го задржи 17-годишниот малолетник. Меѓутоа, додека се обидувал да го задржи, момчето со остар предмет му нанело повреда.
Токму тогаш во близина поминувала полициска патрола, чии службеници веднаш интервенирале и го лишиле од слобода 17-годишникот.
Полицијата продолжила со преземање мерки за пронаоѓање на вториот осомничен. По неколку часа, во 16:15 часот, на улицата „Вон Вадарска“ во Тетово бил пронајден и приведен и 16-годишниот малолетник.
Двајцата биле задржани во полициска станица, а за случајот бил известен и јавен обвинител. Од МВР информираат дека по целосното документирање на настанот против нив ќе следува соодветен поднесок.







