Турски државјанин на возраст од 31 година, кој бил баран со меѓународна потерница поради сомнение за вмешаност во убиство во Северна Македонија, бил уапсен на граничниот премин Морина во Албанија. Тој бил приведен при обид да влезе на албанска територија.
Според соопштението на албанската полиција, припадници на граничната полиција во Морина, во координација со Интерпол Тирана, го идентификувале и го лишиле од слобода мажот со иницијали Б. К., кој има живеалиште во Турција.
При проверката на неговите податоци било утврдено дека за него е распишана меѓународна потерница од страна на надлежните власти во Северна Македонија. Тој се бара поради сомнение за учество во кривично дело убиство.
Потрагата по 31-годишникот била покрената врз основа на наредба издадена на 27 октомври 2026 година од Основното јавно обвинителство Скопје.
По неговото апсење, случајот го презеле специјалистите за истрага на тешки кривични дела при Полициската управа во Кукс, кои ги започнале потребните постапки поврзани со неговото екстрадирање во Северна Македонија.
Албанскиот Интерпол, во соработка со надлежните институции во нашата земја, продолжува со процедурите за екстрадиција на осомничениот, за тој да им биде предаден на македонските власти.







