ПРВ.мк
Црна Хроника

ХОРОР НА КОЈ НИКОЈ НЕ СЕ НАДЕВАШЕ: Познат вирус првпат инфицираше и усмрти човек!

ХОРОР НА КОЈ НИКОЈ НЕ СЕ НАДЕВАШЕ: Познат вирус првпат инфицираше и усмрти човек!

Француските здравствени власти го пријавија првиот документиран случај на инфекција со вирусот „шамонда“ кај човек. Пациентот кај кого е откриен вирусот починал во текот на овој месец, а надлежните започнаа детална истрага за да утврдат дали инфекцијата била директна причина или придонела за смртниот исход.

Според официјалните информации, станува збор за пациент кој се лекувал во Лион од тешко заболување и имал значително ослабен имунитет, што го правело исклучително подложен на инфекции и нивни компликации.

Вирусот „шамонда“ досега беше познат првенствено како предизвикувач на инфекции кај домашните животни, посебно кај говедата. Се пренесува преку убод од ситни мушички од родот Culicoides, а досега се сметаше дека не се пренесува на луѓето.

Според првичните согледувања на француските здравствени власти, кај пациентот пред смртта биле забележани мозочни компликации кои со висока веројатност се поврзани со инфекцијата. Водечка претпоставка е дека пациентот се заразил во источниот дел на Франција, каде што вирусот во текот на пролетта и летото интензивно циркулирал меѓу животните.

Нема ризик за општата популација

Француските власти истакнуваат дека врз основа на моменталните сознанија не е идентификуван здравствен ризик за општата популација.

Вирусот припаѓа на родот ортобуњавируси. За првпат е откриен во Нигерија во средината на минатиот век, а подоцна повремено е регистриран кај животните во Африка и Јапонија. Во текот на 2026 година, неговото присуство беше потврдено и во Европа. Кај говедата предизвикува висока температура, дијареа и нагол пад на производството на млеко, но тие симптоми се специфични за животните и не претставуваат утврден профил на болеста кај луѓето.

Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC) ја следи ситуацијата во соработка со француските институции. Според Светската организација за здравје на животните, за овој вирус сè уште нема комерцијално достапна вакцина.