Општина Кавадарци продолжува со реализација на значајни инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на условите за живот во сите делови од општината. Најновите градежни активности се реализираа во населбата Бел Камен.
Во рамки на овој проект, извршено е пробивање на нови улици во вкупна должина од 240 метри. Покрај пробивањето и тампонирањето на коловозот, теренот е комплетно комунално опремен со нова фекална канализација и водоводна мрежа, а поставено е и ново улично осветлување.
Со овие градежни зафати значително се подобрува комуналната инфраструктура во Бел Камен, се овозможува полесен и побезбеден пристап до сите домови и се создаваат поквалитетни услови за секојдневното живеење на жителите.
Од Општина Кавадарци порачуваат дека градот и населените места продолжуваат рамномерно да се развиваат преку конкретни инвестиции во секоја населба.



