Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска ја посети Универзитетската клиника за урологија, каде што се сретна со пациентите на кои неодамна им беше извршена успешна трансплантација на бубрег — кај двајца од починат дарител и кај еден од жив дарител.
За време на посетата, министерот беше придружуван од националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, директорот на Клиниката за урологија, д-р Башким Шабани, и директорот на Клиниката за нефрологија, д-р Никола Ѓорѓиевски.
Министерот Клековски упати длабока благодарност до семејството на починатиот донор за нивната хумана одлука во најтешките моменти.
„Најголемата благодарност му ја должиме на семејството на починатиот дарител. Во најтешкиот момент, тие донесоа одлука која на двајца наши сограѓани им враќа живот без дијализа. Тоа е чин на исклучителна хуманост, за кој нема доволно зборови. Благодарност и до живиот дарител, кој дел од себе подари за своите најблиски“, истакна Клековски.
Тој исто така изрази голема благодарност до сите медицински тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за нефрологија, како и до целиот тим вклучен во сложениот процес на координација за трансплантација.




