ПРВ.мк
Скопје

БИТНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА СКОПЈАНИ: Во петок посебен сообраќаен режим - ова е причината!

БИТНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА СКОПЈАНИ: Во петок посебен сообраќаен режим - ова е причината!

Центарот на Скопје во петок наутро ќе биде под посебен сообраќаен режим поради одржувањето на атлетската трка „23 Октомври“, која ќе започне во 8 часот. Поради движењето на учесниците, полицијата ќе го пренасочува сообраќајот по околните улици.

Стартот на трката е предвиден од паркот „Жена Борец“, од каде што атлетичарите ќе продолжат по улицата „11 Октомври“, ќе поминат низ плоштадот „Македонија“ и преку Камениот мост.

Потоа трасата продолжува по улицата „Иљо Војводаџ“, преку тротоарот на мостот „Гоце Делчев“ и по кејот на реката Вардар.

По поминувањето на оваа делница, учесниците ќе се вратат по истата патека, а целта ќе биде поставена пред споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена Борец“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици, во зависност од движењето на учесниците на трката.

МВР упатува апел до возачите и пешаците да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници за да се овозможи безбедно одржување на настанот и непречено регулирање на сообраќајот.