Скопје годинава треба да добие новогодишен изглед до 15 декември, кога се очекува да заврши празничното украсување на главниот град. На плоштадот ќе биде поставена елка висока 13 метри, а празничниот амбиент ќе го дополнат голем број светлосни декорации, меѓу кои Дедо Мраз, елен, санка со подароци и други новогодишни украси.
Град Скопје веќе го објави јавниот повик за избор на компанија која ќе биде задолжена за украсувањето. Заинтересираните фирми ќе можат да доставуваат понуди до 5 ноември, кога е предвидено и нивното јавно отворање.
За разлика од минатата година, кога постапката започна подоцна, овојпат тендерот е распишан еден месец порано, со цел навремено да бидат завршени сите подготовки.
За празничното украсување се предвидени околу 4,5 милиони денари со ДДВ, односно приближно 73.000 евра.
Според техничката спецификација, централното место на плоштадот ќе го заземе 13-метарска елка, изработена како верна реплика на природна елка.
Покрај неа ќе биде поставен светлосен елен висок околу четири метри, украсен со ЛЕД-светилки во топла и ладна бела боја и динамични светлосни ефекти.
Една од главните атракции ќе биде и светлосна фигура во облик на подарок, висока повеќе од шест метри. Предвидена е и тридимензионална санка со подароци, во која посетителите ќе можат да влезат и да се фотографираат.
Новогодишната декорација ќе вклучува и два светлосни портали, два големи декоративни балони високи по 3,5 метри, фигура на Дедо Мраз, околу сто светлосни букети и зелен новогодишен венец наменет за фотографирање.
Празничната атмосфера дополнително ќе биде збогатена со светилки на канделабрите и светлосни мразулци.
Сепак, засега останува непознато кои точно делови од градот ќе бидат украсени. За разлика од ланскиот тендер, во новиот јавен повик не се наведени конкретни локации, туку тие дополнително ќе бидат определени преку работен налог до избраната компанија.
Поради тоа, сè уште не е познато дали годинава ќе бидат украсени улицата „Македонија“, булеварот „Партизански одреди“ и булеварот „Илинден“, или празничните декорации повторно ќе бидат ограничени на помал дел од централното градско подрачје.
Минатата година украсувањето го реализираше компанијата „Линк медиа плус“, со договор вреден околу 70.000 евра со ДДВ.
Според предвидените рокови, новогодишните украси треба да бидат поставени најдоцна до 15 декември, додека нивното отстранување е планирано во периодот од 15 до 25 јануари 2027 година.









