Повеќе од 200 камери треба да бидат поставени на критични локации низ Скопје, со цел да се спречат создавањето диви депонии и уништувањето на јавните површини и урбаната опрема. Ова денеска го најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека за реализација на проектот се чека конечна согласност од Агенцијата за заштита на личните податоци.
„Сега го чекаме финалното одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци. Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критични точки низ Град Скопје. Ќе бидат опфатени места каде што се создаваат депонии и паркови кои постојано се под удар“, изјави Ѓорѓиевски.
Како пример за уништувањето на јавниот простор, градоначалникот ја посочи фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк, која неодамна беше обновена, но и покрај тоа, урбаната опрема повторно е цел на несовесно однесување.
„Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на Град Скопје. Откако ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме преку нашето јавно претпријатие“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, за зачувување на јавните површини не се доволни само контролите и преземањето мерки против вандализмот. Потребно е и подигнување на свеста кај граѓаните за одговорно однесување и грижа за заедничкиот простор.
„Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот“, истакна градоначалникот.
Ѓорѓиевски нагласи дека парите што се издвојуваат за поправка и отстранување на штетите предизвикани од несовесни граѓани би можеле да се искористат за реализација на други проекти, вклучително и изградба на нови паркови.
Во таа насока, тој информираше дека во Бутел изградбата на парк со површина од 86.000 квадратни метри е во завршна фаза. Станува збор за локација на која претходно имало дива депонија, а сега просторот добива нова намена.
Како дополнителен пример го посочи и паркот во Карпош, кој ќе зафаќа површина од над 70.000 квадратни метри.
„Ако ние само ги исчистиме тие места, тоа според мене е недоволно. Треба да им дадеме нова содржина на локациите кои во минатото биле мета за создавање диви депонии“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот најави и уредување на површина од околу 100.000 квадратни метри во општина Аеродром. Планот е овој простор да биде ставен во функција до крајот на наредната година.
Посебно внимание посвети и на депонијата Вардариште, која опфаќа површина поголема од 600.000 квадратни метри. Според Ѓорѓиевски, една фаза од работите на оваа локација е веќе завршена, а во следниот период треба да следува деконтаминација на земјиштето, со поддршка од Владата.
„Верувам дека од пролет би започнале со постапка за уредување на тој простор, за таму да никне еден нов парк од вакви размери за Град Скопје“, нагласи Ѓорѓиевски.
Со најавеното поставување на камерите и со планираните проекти за обновување и уредување на запуштените локации, Град Скопје има намера да се справи со дивите депонии и вандализмот, а истовремено да создаде нови зелени површини за граѓаните.








