Скопјани утрово повторно се соочиле со сериозни проблеми во јавниот градски превоз, откако дел од автобусите сообраќале нередовно, а граѓаните чекале и повеќе од еден час на автобуските постојки.
Според сведоштвата на патниците, приватните превозници повторно имале нарушен возен ред, додека автобусите на ЈСП пристигнувале преполни или воопшто не се појавувале.
Особено големи проблеми биле пријавени на автобуската линија со број 23, каде што граѓаните тврдат дека чекале повеќе од еден час без да пристигне автобус.
Слична состојба имало и кај Железничката станица, каде што автобусите на линиите 5, 15А и 27 биле толку преполни што дел од патниците не можеле да се качат.
Револт изразиле и жителите на Волково, кои преку социјалните мрежи предупредувале на големи доцнења во утринските часови.
„Од 6:15 часот чекаме автобус, повеќе од 40 минути немаше никаков превоз. Излезете порано за да не доцните на работа и училиште“, напишал еден жител.
Проблемите со јавниот превоз во Скопје се повторуваат подолг период.
Во 2025 година приватните превозници во неколку наврати го прекинуваа или ограничуваа сообраќајот поради неисплатени долгови, додека во февруари 2026 година беа пријавени и технички проблеми со опремата во автобусите.
Граѓаните повторно бараат итно и трајно решение од надлежните институции, нагласувајќи дека нередовниот превоз им создава секојдневни проблеми при одењето на работа, училиште и извршувањето на обврските.
Засега нема информации кога ќе се нормализира јавниот превоз.








