ПРВ.мк
Црна Хроника

Го подавале како топка, го држеле до дрво и го тепале“ – потресно сведоштво на мајката на претепаниот 13-годишник

Го подавале како топка, го држеле до дрво и го тепале“ – потресно сведоштво на мајката на претепаниот 13-годишник

Потресно сведоштво на мајка на 13-годишно момче од Ѓорче Петров, кое било претепано од група малолетници во скопската населба Влае, открива вознемирувачки детали за нападот.

Инцидентот се случил на 18 октомври, на плоштадот „Делфина“, каде што, според мајката, нејзиниот син бил нападнат од група од околу 15 до 20 постари малолетници.

„Го подавале како топка, го фрлале од еден крај на друг. Го држеле до дрво додека другите го удирале“, раскажала мајката за „Скопје1“.

Според нејзиното сведоштво, момчето добило бројни удари во главата, модринки, отоци и повреди на забите, а таа тврди дека бил употребен и метален боксирач.

Кога се вратило дома, детето првично се обидело да ги сокрие повредите, тврдејќи дека паднало во автобус.

„Мамо, ако пријавиш, повторно ќе се случи истото“, ѝ рекло момчето, плашејќи се од нов напад.

Мајката истакнува дека семејството е сериозно вознемирено и дека ќе побараат психолошка помош за детето.

Таа пренела и непотврдени информации дека на плоштадот наводно се формирал круг во кој бил тепан оној што ќе поминел низ него.

Од МВР потврдија дека е пријавен физички напад врз малолетник од група малолетници, при што бил употребен тврд предмет.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Точниот број напаѓачи, употребата на метален боксирач и тврдењата за организирано тепање засега не се официјално потврдени.