Австралиската манекенка и дизајнерка Сахара Реј почина на 34-годишна возраст, објави американскиот портал „Ти-ем-зи“, повикувајќи се на потврда од нејзиното семејство.
Тажната вест предизвика реакции во светот на модата и шоу-бизнисот, каде што Реј беше позната по својата манекенска кариера, но и по поранешната врска со светската музичка ѕвезда Џастин Бибер.
„Почина синоќа во болница, опкружена со семејството. Беше многу сакана“, соопштиле нејзините најблиски.
Причината за смртта засега не е официјално потврдена.
Сахара Реј стекна голема популарност преку социјалните мрежи, каде што имаше бројни следбеници, а подоцна го основа и сопствениот бренд за костими за капење „Sahara Ray Swim“.
Во 2016 година го привлече вниманието на светските медиуми, кога беа објавени фотографии од нејзиното летување на Хаваите со Џастин Бибер.
Претходно медиумите ја поврзуваа и со австралискиот пејач Коди Симпсон.
Манекенката беше ќерка на познатиот австралиски сурфер Тони Реј, а детството го поминала меѓу Австралија, Калифорнија и Хаваите.
Пред две години јавно откри дека се соочува со Гилен-Бареов синдром, ретко невролошко заболување кое може да предизвика мускулна слабост и парализа.
Според нејзините претходни изјави, болеста ѝ била дијагностицирана по тешка сообраќајна несреќа, а поради здравствените проблеми делумно ја изгубила подвижноста.
Засега нема официјална потврда дека ова заболување е поврзано со нејзината смрт.









