Студентите Албанци не се задоволни од предложеното решение за полагање на правосудниот испит и најавуваат нови протести доколку не им се овозможи целиот испит да го полагаат на албански јазик.
Според предлогот на министерот за правда Јетон Шасивари, теоретскиот дел од правосудниот испит би се полагал на албански, додека практичниот дел би останал на македонски јазик.
Студентскиот правобранител на Универзитетот „Мајка Тереза“, Сухејб Мехмеди, изјави дека предложеното решение претставува напредок, но не ги исполнува целосно нивните барања.
„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик“, изјави Мехмеди.
Тој смета дека Законот за употреба на јазиците им овозможува вакво право на студентите Албанци и побара институциите да постапуваат во согласност со Уставот и законите.
Мехмеди нагласи дека студентите немаат ништо против македонскиот јазик, туку инсистираат на можноста правосудниот испит целосно да го полагаат на својот мајчин јазик.
„Јазикот е богатство и сите треба да ги знаеме јазиците. Немам ништо против македонскиот јазик“, рече тој.
Студентите досега организирале два протеста, а според нивните најави, протестите ќе продолжат доколку институциите не го прифатат нивното барање.
Прашањето за јазикот на полагање на правосудниот испит останува отворено.








