ПРВ.мк
Македонија

Што се случува со безбедносните служби во Македонија? Дали следува нивно спојување?

Што се случува со безбедносните служби во Македонија? Дали следува нивно спојување?

Владата и Министерството за внатрешни работи засега не откриваат дали предложеното укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница претставува подготовка за можно спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање.

На 15 октомври Владата доставила до Собранието предлог-закон со кој се предвидува престанување на важењето на законот донесен во 2019 година.

Од МВР објаснуваат дека постојниот закон е концепциски усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, но неговото спроведување било ограничено поради институционална недоверба, недоволен оперативен капацитет и тесен опфат.

Од Владата не одговориле на новинарските прашања дали ова е прв чекор кон реорганизација на разузнавачките служби.

Предлогот предизвика реакции од опозициската СДСМ, која бара негово повлекување и отворање јавна и експертска расправа.

Од СДСМ тврдат дека укинувањето на законот може да ги ослаби механизмите за координација и демократска контрола на службите. Партијата изразува сомневање дека ваквиот потег е подготовка за најавуваното спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање.

Идејата за обединување на двете агенции беше дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ уште во 2024 година, а премиерот Христијан Мицкоски претходно најавуваше таква реформа.

Засега, сепак, нема официјална потврда дека предложеното укинување на законот е директно поврзано со спојувањето на службите.

Предлогот треба да ја помине собраниската постапка, додека прашањата за идната организација и координација на безбедносно-разузнавачкиот систем остануваат отворени.