ПРВ.мк
Македонија

Македонците потрошиле над половина милијарда евра онлајн за само шест месеци: Еве каде завршиле парите

Македонците потрошиле над половина милијарда евра онлајн за само шест месеци: Еве каде завршиле парите

Онлајн купувањето во Македонија продолжува да бележи раст, а во првите шест месеци од 2026 година вредноста на интернет-трансакциите достигнала неверојатни 530,3 милиони евра.

Според податоците на Народната банка, анализирани од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), ова претставува зголемување од 14,1 процент во споредба со истиот период минатата година.

Од вкупната сума, 302,4 милиони евра биле потрошени кај домашните е-трговци, додека 227,9 милиони евра завршиле кај странските онлајн-продавници.

Раст бележи и бројот на трансакции. За шест месеци биле реализирани 15,3 милиони интернет-плаќања, што е за 10,1 процент повеќе од лани.

Најголем дел од плаќањата биле извршени со македонски платежни картички кон домашните продавници, со околу осум милиони трансакции.

Истовремено, кон странските трговци биле реализирани 6,45 милиони трансакции.

Просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34,6 евра, додека кај купувањата од странство просекот достигнал 35,3 евра.

Позитивен тренд е забележан и кај домашните интернет-продавници.

Заклучно со јуни годинава, во Македонија биле регистрирани 2.408 е-продажни места, односно 168 повеќе во споредба со крајот на 2025 година.

Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, оценува дека електронската трговија продолжува да се развива, иако растот е поумерен од минатогодишниот.

Главниот предизвик за домашните е-трговци останува привлекувањето поголем дел од парите што македонските граѓани ги трошат на странските интернет-платформи.