Нови детали беа изнесени на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На рочиштето во судницата во Идризово, Обвинителството го испрашуваше вештакот ангажиран од одбраната, Петре Русески, за бројот на излезите, градежните материјали и можностите за евакуација.
Русески изјави дека објектот имал три влезови и излези, но нагласи дека не може да потврди дали биле соодветни за евакуација.
„Реков дека имало три влезови и излези, но не за евакуација. Тоа е прашање за вешто лице од противпожарна заштита“, изјави вештакот.
Обвинителот Дарко Јакимовски побара појаснување дали посетителите можеле непречено да ги користат сите три врати во моментот кога избувнал пожарот.
Во текот на расправата реагирал и првообвинетиот Дејан Јованов, кој довикнал: „Ако сакаш да знаеш, јас последен излегов низ таа врата!“
Обвинителството поставуваше прашања и за материјалите во внатрешноста на дискотеката, особено за полиетиленскиот сунѓер.
Русески посочи дека не направил анализа за неговото влијание врз ширењето на пожарот, ниту за можностите за евакуација на посетителите.
Тој нагласи дека за овие прашања треба да се произнесе вештак од областа на противпожарната заштита.
Судењето продолжува со изведување докази предложени од одбраната.
Пожарот во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК.








