ПРВ.мк
Спорт

Тажна вест за македонскиот ракомет: Почина поранешен ракометар на Еурофарм Пелистер, имаше само 40 години

Тажна вест за македонскиот ракомет: Почина поранешен ракометар на Еурофарм Пелистер, имаше само 40 години

Тажна вест го потресе ракометниот свет. На само 40-годишна возраст почина Рати Мсквилидзе, поранешен ракометар на Еурофарм Пелистер и репрезентативец на Грузија.

Информацијата за неговата смрт ја соопшти Грузиската ракометна федерација, која преку емотивна порака се прости од некогашниот репрезентативец.

Мсквилидзе беше добро познат и на македонската ракометна јавност, бидејќи во сезоната 2017/2018 го носеше дресот на битолски Еурофарм Работник, денешен Еурофарм Пелистер.

Како десен бек, тој настапуваше за битолскиот клуб и во европските натпреварувања, вклучително и во Челинџ купот на ЕХФ.

Во текот на кариерата играше за Шевардени Тбилиси, Батуми, исландски Стјарнан, српска Металопластика и турски Трабзон, каде што ја заврши играчката кариера во сезоната 2021/2022.

По повлекувањето од професионалниот ракомет, Мсквилидзе се посветил на тренерската работа со младите категории, пренесувајќи го своето искуство на новите генерации.

„Рати Мсквилидзе имаше значаен придонес во развојот на грузискиот ракомет. Неговата смрт претставува голема загуба за грузискиот ракомет и спортската заедница“, соопштија од федерацијата.

Причината за неговата ненадејна смрт засега не е соопштена.

Зад себе остави значајна спортска кариера и спомени кај ракометните љубители во земјите во кои настапуваше, вклучително и во Македонија.