ПРВ.мк
Црна Хроника

УЖАС: Бебе убиено во количка, неговата мајка починала во болница по страшниот напад

УЖАС: Бебе убиено во количка, неговата мајка починала во болница по страшниот напад

Страшна трагедија ја потресе Украина откако во руски напад со беспилотни летала врз цивили во Харковската област загинаа шест лица, меѓу кои и две деца.

Според објавените информации, во нападот биле повредени уште 14 лица, меѓу кои шест деца.

Меѓу загинатите е и малата Ангелина, девојче старо нешто повеќе од една година, кое во моментот на нападот се наоѓало во детска количка.

Нејзината мајка Ина била тешко повредена и подоцна им подлегнала на повредите во болница.

Во нападот животот го загубило и 11-годишно девојче.

За трагедијата се огласи украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој соопшти дека беспилотните летала погодиле цивили што се наоѓале во парк, во близина на кафуле.

„Ужасен руски напад врз Харковската област. Дронови директно погодија луѓе во парк, во близина на кафуле. Ова е чин на чисто варварство“, напиша Зеленски.

Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите и предупреди дека зад страшните фотографии од нападот стојат уништени човечки животи.

Украинскиот претседател повторно побара посилна меѓународна поддршка, дополнителни системи за противвоздушна одбрана и продолжување на санкциите против Русија.

„Украина сака мир. Русија е таа што цело ова време инсистира на продолжување на убивањето“, порача Зеленски.

Нападот повторно го отвори прашањето за безбедноста на цивилите, особено на децата, кои продолжуваат да страдаат во војната во Украина.