Франција воведува нови безбедносни ограничувања по неколкудневните протести кои во повеќе градови прераснаа во насилни судири со полицијата, грабежи и уништување имот.
Во делови од Париз е воведен полициски час од 23 часот навечер до 6 часот наутро, додека дополнителни ограничувања за јавни собири и демонстрации се воведуваат и во други француски градови.
Во француската престолнина мерките ги опфаќаат подрачјата околу Плоштадот на Републиката и трговскиот кварт Ле Ал, а протестите во одредени зони се забранети од 20 часот.
Ограничувања за јавни собири се воведени и во Марсеј, додека во други градови се применуваат локални мерки за спречување нови инциденти.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну порача дека приоритет е враќањето на јавниот ред, нагласувајќи дека засега не се планира општ полициски час за целата земја.
Сепак, тој не ја исклучи можноста за прогласување вонредна состојба доколку насилството продолжи.
Според информациите објавени од меѓународните медиуми, за време на немирите биле приведени околу 2.400 лица, а приближно 3.000 деловни објекти биле оштетени или ограбени.
Протестите започнаа поради незадоволството од состојбите во образованието и високите трошоци за живот, а подоцна прераснаа во пошироки демонстрации против владините политики.
Политичките тензии дополнително се зголемија откако министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез понуди оставка, но претседателот Емануел Макрон не ја прифати.
Француските власти најавуваат засилено полициско присуство и дополнителни мерки за спречување нов бран насилство, додека организаторите повикуваат на нови протести.







