ПРВ.мк
Македонија

Големи промени во банките од ноември: Нови правила за плаќање што треба да ги знаат сите граѓани во Македонија

Големи промени во банките од ноември: Нови правила за плаќање што треба да ги знаат сите граѓани во Македонија

Од ноември 2026 година во Македонија започнува примената на нови правила во платниот промет, кои ќе донесат промени во платните налози, ознаките за плаќање и начинот на прикажување на банкарските сметки.

Македонската банкарска асоцијација ги информира граѓаните и компаниите дека промените се дел од модернизацијата на националниот платен систем.

Најважната информација за граѓаните е дека постојниот број на банкарската сметка нема да се менува.

При плаќањата ќе се користи меѓународниот ИБАН-формат, односно пред постојниот број на сметката ќе се додава ознаката МК07.

Потребните приспособувања во електронското и мобилното банкарство ќе ги извршат самите банки.

Голема промена следува и кај платните налози. Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 ќе бидат заменети со нови, стандардизирани налози што ќе се користат во хартиена и електронска форма.

Дополнително, досегашните нумерички шифри за целта на плаќањето ќе бидат заменети со нови ознаки составени од четири знаци.

Ова треба да овозможи попрецизно означување на намената на уплатите и поефикасна обработка на трансакциите.

За компаниите што користат автоматизирани системи за плаќање и сметководствени програми може да бидат потребни дополнителни технички приспособувања.

Банките ќе ги информираат своите деловни клиенти за потребните промени и роковите за нивна примена.

Од Македонската банкарска асоцијација посочуваат дека банкарскиот сектор веќе презема активности за непречено воведување на новите стандарди.

Граѓаните се повикуваат да ги следат официјалните известувања од своите банки, каде што ќе бидат објавени практични насоки за користење на новите платни налози и ИБАН-форматот.