Нови шпекулации за здравствената состојба на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се шират на социјалните мрежи, откако британскиот весник „Сан“ пренесе непотврдени тврдења дека тој доживеал мозочно крвавење и паднал во кома.
Според информациите што кружат на интернет, Ким наводно бил итно префрлен во Кина поради потреба од специјализирана медицинска помош.
Се тврди дека бил примен во болницата „Пекинг Јунион Медикал Колеџ“, но нема официјална потврда за ваквата информација.
Според објавениот напис, последното негово познато појавување во јавноста било на 11 октомври, за време на посета на музеј во Пјонгјанг.
Севернокорејскиот аналитичар Бенедикт Роџерс потсетува дека слични гласини за Ким се појавувале и претходно, особено во 2020 година.
Тој очекува севернокорејските власти да објават доказ дека лидерот е добро, со што би ги отфрлиле шпекулациите.
Во меѓувреме, повторно се отвора прашањето за можното наследување на власта во Северна Кореја.
Во анализите се споменува неговата сестра Ким Јо Џонг, која веќе има значително политичко влијание.
Сепак, тврдењата за неговата здравствена состојба, како и сценаријата за наследување на власта, остануваат шпекулативни.
Засега нема официјална потврда од Северна Кореја или Кина дека Ким Џонг Ун е хоспитализиран или во кома. Ниту се објавени независни медицински докази што би ги потврдиле тврдењата.








