Потресни сведоштва излегоа во јавноста за случајот со религиозната секта во Кенија, чиј водач Пол Макензи и уште 29 лица се обвинети за убиство на 190 деца и едно возрасно лице.
Според обвинението, припадниците на сектата ги принудувале децата да гладуваат до смрт, проповедајќи дека на тој начин ќе го „сретнат Исус“.
Во шумата Шакахола, во близина на кенискиот брег, биле пронајдени повеќе од 400 тела закопани во плитки гробници.
Еден од работниците ангажирани за ископување на телата раскажал за особено потресувачко откритие.
„Пронајдовме 12 детски тела, наредени едно врз друго како облека. Некои имаа врзани раце и нозе“, сведочел тој.
Меѓу жртвите имало и бебиња стари само неколку недели. Според истражните наоди, дел од починатите биле жртви на изгладнување, задушување и физичко насилство.
Сектата, основана во 2003 година, го забранувала образованието, а современата медицина ја претставувала како зло.
Особено трагична е приказната на 48-годишниот Стивен Мвити, кој во шумата ги изгубил сите шест деца. Тој успеал да ги пронајде и погреба посмртните останки само на еден од своите синови.
Макензи и останатите обвинети негираат вина, тврдејќи дека никој не бил принудуван да гладува.
Сепак, неговиот син Ден Пол Макензи смета дека татко му мора да одговара за смртта на следбениците.
Судскиот процес продолжува, а голем број жртви сè уште не се идентификувани поради напредната состојба на распаѓање на посмртните останки.







