Модната ревија на „Викторијас сикрет“ за 2026 година повторно го привлече вниманието на светската јавност, обединувајќи легендарни манекенки, нови модни лица и познати музички ѕвезди.
Спектаклот се одржа во студијата на „Сони пикчрс“ во Калвер Сити, Лос Анџелес, каде што брендот се врати по 19 години.
Бела Хадид ја отвори ревијата со впечатливи цветни крилја, додека на модната писта се појавија и Адријана Лима, Алесандра Амбросио, Кендис Свонепул, Џиџи Хадид и други светски познати манекенки.

Особено внимание привлече 45-годишната Адријана Лима, која повторно заблеска во провокативна креација со цветни детали, а ја имаше и честа да ја затвори ревијата.

Меѓу новите лица беше и Наталија Брајант, ќерката на легендарниот кошаркар Коби Брајант, која дебитираше на оваа модна писта.
Еден од највпечатливите моменти беше појавувањето на Кајли Џенер со луксузен градник проценет на неверојатни 50 милиони долари.

Скапоцената креација, изработена во соработка со „Џејкоб енд Ко.“, содржеше жолт дијамант од 75,54 карати и го означи враќањето на легендарниот „Fantasy Bra“ по осум години.
Ревијата понуди и музички настапи на Тејт Мекреј, Меган Ти Сталион, Меган Морони и групата „Катсај“.
Со раскошни крилја, провокативни комбинации, светкави украси и спектакуларна сценографија, „Викторијас сикрет“ уште еднаш ја спои модата со музиката и забавата.

Овогодишното издание беше посветено на поврзувањето на препознатливиот гламур од минатото со новите генерации манекенки и современите модни трендови.










