ПРВ.мк
Скопје

Нов изглед за ЗОО Скопје: Нови живеалишта, обновени објекти и повеќе содржини за посетителите

Нов изглед за ЗОО Скопје: Нови живеалишта, обновени објекти и повеќе содржини за посетителите

Скопската Зоолошка градина добива нов изглед преку активности за обнова и модернизација на постојните објекти, подобрување на живеалиштата и создавање нови содржини за посетителите.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека интензивно се работи на подобрување на условите за животните, како и на уредување на просторот за посетителите и вработените.

Според Ѓорѓиевски, во изминатиот период биле заменети крововите, поставени нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради.

Изграден е и моторички парк за најмладите, додека во тек е обновата на платото пред Зоолошката градина.

Градоначалникот најави дека активностите ќе продолжат со изградба и приспособување на живеалиштата, како и со планови за збогатување на животинскиот свет со нови видови.

„Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман“, порача Ѓорѓиевски.

Целта, според него, е ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните.

Посебно значење на обновата ѝ дава фактот што Зоолошката градина овој месец одбележува 100 години од своето постоење.

Ѓорѓиевски нагласи дека јубилејот го одбележуваат со конкретни активности и решителност модернизацијата да продолжи.

„Заедно ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори“, порача скопскиот градоначалник.