Ризично возење со електричен тротинет на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје е забележано на видео кое читателка го испратила до редакцијата на „Слободен печат“. На снимката се гледа маж кој се движи по една од најпрометните сообраќајници во главниот град, при што ги игнорира опасностите на кои се изложува себеси, но и останатите учесници во сообраќајот.
Возачот на тротинетот, според видеото, се движи со навидум голема брзина, преминува од една во друга сообраќајна лента и ги претекнува автомобилите и автобусите. Наместо да користи велосипедска патека, тој маневрира меѓу моторните возила, создавајќи опасни ситуации во сообраќајот.
Ваквото однесување може да доведе до сериозна сообраќајна несреќа во секој момент. Особено загрижува тоа што лицето на електричниот тротинет е практично незаштитено додека се движи меѓу возила кои се многукратно потешки и поголеми од него.
Доволен би бил еден погрешен потег, ненадејно сопирање или неочекувана промена на насоката на некој од автомобилите за ризичното возење да заврши со тешки последици.
Иако електричните тротинети стануваат сè почест начин на превоз низ Скопје, нивното користење не значи дека возачите се ослободени од обврската да ги почитуваат сообраќајните правила. Напротив, законските прописи предвидуваат ограничувања во однос на местата на кои смеат да се движат и брзината со која можат да управуваат со овие превозни средства.
ИЗВОР: СлободенПечат.мк








