ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ: Ќе можат да останат во Армијата и по 45 години, еве што предвидува новото решение!

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ: Ќе можат да останат во Армијата и по 45 години, еве што предвидува новото решение!

Професионалните војници во Армијата на Северна Македонија ќе добијат можност да продолжат со работниот ангажман и по навршувањето на 45-годишна возраст, но со статус на цивилни лица и работен однос на неопределено време. Новото решение беше усвоено на денешната владина седница, а од Министерството за одбрана велат дека со него се решава долгогодишното прашање за статусот на професионалните војници по достигнувањето на возрасната граница.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски ја соопшти одлуката на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната. Тој посочи дека решението е договорено и усогласено со Армијата и со професионалните војници.

Со новата реформа, војниците ќе можат да останат во Армијата и по навршувањето на 45 години, при што нивниот работен однос ќе биде трансформиран од определено на неопределено време, а статусот ќе им биде променет во цивилни лица.

Истовремено, ќе продолжат да им бидат достапни и досегашните можности, односно исплата на отпремнина или трансфер во други институции.

„Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45. година. Остануваат сите опции – отпремнина, трансфер во институциите, но со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски.

Министерот појасни дека ова е ново решение кое не е дел од Колективниот договор. Преговорите за Колективниот договор продолжуваат и понатаму.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека одлуката е значајна за професионалните војници, особено затоа што прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45-годишна возраст се разгледува повеќе од 15 години.

Според Лафчиски, новото решение ќе придонесе и за регулирање на обврските поврзани со обезбедувањето на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата. Овие задачи ќе ги преземаат единиците во кои ќе бидат распоредени професионалните војници што ќе го трансформираат својот работен однос и ќе продолжат да работат како цивилни лица.

Тој нагласи дека војниците располагаат со значајно искуство и добро го познаваат функционирањето на армискиот систем, поради што се соодветен кадар за извршување на ваквите задачи.

Од Министерството за одбрана информираат дека месечните примања на професионалните војници, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат непроменети. Пензионирањето и натаму ќе се спроведува согласно важечките правила и колективните договори што се применуваат во Армијата.

Според направените процени, од следната година околу 100 професионални војници би можеле да ја искористат новата можност и да го продолжат својот работен ангажман во Армијата како цивилни лица. Со тоа, тие ќе добијат можност да останат во системот и по достигнувањето на досегашната возрасна граница, наместо да мораат да го прекинат работниот однос по навршувањето на 45 години.

Најнови вести