Педесет и двегодишна жена од Хрватска останала без повеќе од 230.000 евра, откако поверувала на интернет-оглас што ветувал брза заработка преку вложување во криптовалути.
Според информациите од полицијата во Риека, измамата започнала во март 2026 година, кога жената забележала реклама на социјалните мрежи во која се нудела можност за заработка со почетна инвестиција од само 250 евра.
Привлечена од понудата, таа ги оставила своите лични и контакт-податоци, по што со неа стапиле во контакт повеќе непознати лица.
Тие постепено ја убедувале дека може да заработи значителни суми и ја наведувале на нови уплати.
Жената во повеќе наврати испраќала пари преку банкарски трансакции, криптовалути и сервиси за пренос на пари.
Она што започнало со вложување од 250 евра завршило со финансиска загуба поголема од 230.000 евра.
Случајот го истражуваат полициските службеници од Првата полициска станица во Риека, кои работат на утврдување на околностите и идентификација на лицата вмешани во измамата.
Од полицијата повторно апелираат граѓаните да бидат особено внимателни со интернет-огласите што ветуваат брза и голема заработка со минимални вложувања.
Посебно предупредуваат никогаш да не се споделуваат лични и банкарски податоци со непроверени лица или интернет-страници.
Ваквите измами често започнуваат со мали износи, по што жртвите постепено се убедуваат да вложуваат сè повеќе пари, верувајќи дека ќе остварат голема добивка.








