Град Скопје подготвува нови мерки за справување со долгогодишниот проблем со бездомните кучиња. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека до крајот на 2026 година се очекува да започне процесот на проширување на капацитетите за нивно згрижување и третман, при што се разгледува можноста за изградба на дополнителни објекти на нова локација.
Според Ѓорѓиевски, финансиските средства за реализација на оваа иницијатива веќе се обезбедени, но постојат одредени административни и урбанистички пречки кои не дозволуваат проширување на постојниот објект на ЈП „Лајка“.
Градоначалникот откри дека сегашниот објект бил изграден без соодветна урбанистичка основа, поради што неговата доградба не е дозволена со важечките планови.
„Постоечката локација е на диво изградена во минатото и деталниот и генералниот урбанистички план не дозволуваат да го прошириме капацитетот таму. Бараме друга опција и верувам дека до крајот на оваа календарска година ќе започнеме со процес на доизградба на капацитети, можеби на друга локација што моментално ја утврдуваме“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека градските служби веќе работат на пронаоѓање соодветно решение кое ќе овозможи подобри услови за згрижување на бездомните животни и поефикасно справување со проблемот.
Ѓорѓиевски оцени дека во изминатиот период е постигнат напредок во справувањето со бездомните кучиња, но призна дека проблемот сè уште не е целосно решен.
Во наредните денови, како што најави, јавноста треба да добие и конкретни споредбени податоци за бројот на пријавени напади од бездомни кучиња врз граѓаните, пред и по преземањето на раководството со Град Скопје и ЈП „Лајка“.
Со планираното проширување на капацитетите, градските власти имаат намера да создадат подобри услови за третман на бездомните кучиња, како и да ја зголемат безбедноста на граѓаните.
Засега не е утврдена конечната локација на новите капацитети, а најавата се однесува на започнување на процесот до крајот на годинава.









