Дваесет жени во североисточна Англија биле подложени на непотребно отстранување на дојка при лекување од рак, покажала интерна истрага во болниците County Durham and Darlington, дел од британскиот здравствен систем NHS.
Новиот извршен директор на болничката управа, Стив Расел, случајот го оцени како „целосно неприфатлив“, додека дел од пациентките велат дека дури подоцна дознале дека мастектомијата можела да биде избегната.
Во тек е ревизија на третманите за рак на дојка во периодот од јануари 2023 до февруари 2025 година. Од 514 досега разгледани случаи, кај 315 била утврдена штета за пациентите, од кои 77 биле оценети како тешки. Една пациентка починала.
Дополнително биле откриени случаи во кои дијагнозата на рак не била поставена навреме или доцнела, а кај дел од пациентите болеста во меѓувреме напредувала. Се разгледува можноста истрагата да биде проширена и на случаи од 2015 година, што би значело проверка на околу 10.000 медицински досиеја.
Британската Национална агенција за криминал, заедно со полицијата во Дурам, ги истражува наводите за да утврди дали постојат елементи на кривично дело.
Посебно внимание предизвикува и прашањето за можен судир на интереси. Третманот на дел од пациентките го надгледувал д-р Амир Бати, кој бил клинички раководител на одделот за дојка од 2013 до 2024 година. Тој во моментов е суспендиран од клиничка работа, но останува вработен во болничката управа. Според текстот, во период од шест години болниците исплатиле речиси шест милиони фунти на приватни дијагностички и хируршки компании управувани од Бати.
Извештај на Кралскиот колеџ на хирурзи посочил и сомнежи дека одлуките за дел од пациентите не биле соодветно разгледувани од мултидисциплинарни тимови пред да бидат преземени сериозни интервенции како мастектомија.
Д-р Бати изјавил дека останува посветен на истрагата и дека не би било соодветно дополнително да го коментира случајот додека постапките се во тек.










