ПРВ.мк
Црна Хроника

Македонија загуби уште еден градоначалник: „Неговото дело нема да биде заборавено“

Македонија загуби уште еден градоначалник: „Неговото дело нема да биде заборавено“

Ненадејно почина градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, кој ја извршуваше функцијата од 2021 година. Веста за неговата смрт ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи.

Јовица Илиевски е роден на 3 мај 1968 година. За градоначалник на Брвеница беше избран на локалните избори во 2021 година, а претходно, во периодот од 2013 до 2017 година, беше член на Советот на Општина Брвеница.

Во својата објава, премиерот Мицкоски истакна дека Илиевски бил работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на граѓаните и на општината што ја водел.

„Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат. Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце“, напиша Мицкоски.

Тој упати сочувство до семејството, најблиските, граѓаните на Брвеница и сите што го познавале и почитувале Илиевски, додавајќи дека неговото дело и спомен нема да бидат заборавени.