Нови детали излегоа на виделина во случајот со смртта на шестнеделно бебе во САД, за кој е обвинета 31-годишната Никол Вирзи, докторандка по клиничка психологија.
Според американските медиуми, за време на сослушувањето таа наводно признала дека повеќепати силно го тресела и го испуштала бебето додека била сама со него. Истражителите тврдат дека им изјавила оти не сакала детето да почине, туку „само да почувствува малку болка“.
Трагедијата се случила во јуни 2024 година, кога Вирзи престојувала кај свои пријатели кои неодамна добиле близнаци. Додека родителите биле во болница со едното бебе, таа останала сама со шестнеделниот Леон, по што повикала Итна помош тврдејќи дека детето паднало на подот.
Обдукцијата, сепак, покажала дека бебето имало тежок скршен череп и повеќекратни крварења во мозокот, а вештаците заклучиле дека повредите се резултат на физичко насилство.
Вирзи се изјаснила дека не е виновна по обвиненијата за убиство, тешки телесни повреди и загрозување на добросостојбата на дете. Судот одлучил нејзината изјава да остане дел од доказниот материјал, а доколку биде прогласена за виновна, се соочува со една од најстрогите казни предвидени со американскиот закон.
Судењето е закажано за октомври и предизвикува големо внимание во американската јавност.






