На денешен ден, пред 35 години, светот загуби една од најголемите музички легенди на сите времиња – Фреди Меркјури, неповторливиот фронтмен на групата „Квин“.
Само еден ден пред неговата смрт, на 23 ноември 1991 година, славниот пејач преку официјално соопштение потврди дека е ХИВ-позитивен и дека боледува од СИДА.
„Сметав дека е исправно досега да ја чувам оваа информација во тајност за да ја заштитам приватноста на луѓето околу мене. Меѓутоа, сега дојде време моите пријатели и обожаватели низ светот да ја дознаат вистината“, порача тогаш Меркјури.
На 24 ноември 1991 година, на 45-годишна возраст, музичарот почина во својот дом во Лондон од бронхопневмонија како компликација на СИДА.
По приватната погребна церемонија, неговото тело било кремирано, а урната со пепелта ѝ била предадена на Мери Остин, неговата поранешна партнерка и долгогодишна блиска пријателка.
Стравувајќи дека неговото последно почивалиште би можело да стане место на масовни посети и да биде нарушен мирот на неговите најблиски, Меркјури ѝ доверил посебна задача на Остин – никогаш да не ја открие локацијата.
Три и пол децении подоцна, таа тајна сè уште не е јавно откриена.
Роден како Фарок Булсара во 1946 година во Занзибар, Фреди Меркјури со својот неверојатен глас, сценска харизма и музичка креативност остави неизбришлива трага во светската музичка историја.
Неговото музичко наследство продолжува да инспирира генерации уметници и милиони обожаватели ширум светот.










