Времето на Балканот нагло ќе се промени, а веќе утре, 22 септември, Србија ќе биде зафатена од студен бран кој ќе донесе значително пониски температури и услови за првите снежни врнежи во повисоките планински предели.
Според српските медиуми, кои се повикуваат на официјалните метеоролошки служби, во текот на денот се очекува зголемување на облачноста, а на одредени места ќе има и краткотрајни врнежи од дожд. Во низинските предели, утринските температури ќе бидат свежи, додека максималните дневни ќе се движат од 16 до 20 степени Целзиусови.
Првите снегулки за оваа сезона се очекуваат на повисоките планини. Според прогнозата на метеорологот Иван Ристиќ, снег може да падне на Копаоник, како и на повисоките делови од планината Голија.
Заладувањето е резултат на навлегување на студен воздушен фронт од северна Европа. Студениот воздух ќе донесе повеќе облачност, врнежи и чувствително опаѓање на температурите во однос на топлото време што преовладуваше во изминатите денови.
На највисоките делови од Копаоник и Голија условите ќе бидат доволно студени за појава на првите снежни врнежи во сезоната. Во пониските предели, пак, врнежите ќе бидат во форма на дожд, додека температурите ќе бидат карактеристични за почетокот на есента.
Иако промената ќе биде нагла, според прогнозите студениот период нема да трае долго. По краткотрајното заладување се очекува постепено стабилизирање на времето и повторно зголемување на температурите.






