Во Словенија владее вистинска драма поради една од најголемите добивки во историјата на оваа земја. Во мај годинава, во градот Крањ беше уплатено добитното ливче на Евроџекпот кое носи повеќе од 37 милиони евра. Но и покрај неколкуте јавни повици, среќниот добитник никогаш не се појави да ја подигне својата фантастична добивка.
Ливчето било уплатено на продажно место на Лотаријата на Словенија на улицата Цеста Станета Жагарја 69. Според правилата, добитникот има рок од 90 дена да ја побара својата награда, а крајниот рок истекува токму утре – 21 август 2025 година.
Исплатата на награди над 2.000 евра се врши само во Љубљана, во главната билетарница на Словенечката лотарија на улица Гербичева 99, и тоа со претходна регистрација. Од Лотаријата дури порачаа дека, доколку добитникот се појави во последен момент, ќе го прилагодат времето за исплата за да му овозможат да ги добие парите.
Доколку конечно се појави, новиот словенечки милионер ќе стане побогат за неверојатни 31.742.801,29 евра, додека општината во која има постојано живеалиште ќе инкасира дополнителни 5.601.670,81 евра.
Но ако добитникот не ја побара наградата, милионите ќе се вратат назад во фондот на Eurojackpot, според строгите правила на оваа европска лотарија.
Останува големото прашање: дали ќе се појави човекот кој може за една ноќ да стане најновиот словенечки милионер или приказната ќе заврши како една од најголемите пропуштени шанси во историјата на игрите на среќа во земјата?