Страшна семејна драма ја потресе јавноста во Швајцарија, откако полицијата во стан пронајде безживотни тела на две девојчиња и нивната мајка, сите усмртени со нож. Ужасот станал уште поголем кога било откриено дека таткото, вооружен со голем кујнски нож, бдеел над нивните тела, а дури ја убил и семејната мачка.
Трагедијата започнала со повик од загрижен роднина кој од 14 часот не можел да стапи во контакт со мајката. Полицијата неколку часа барала трага од семејството во болници и соседството, а кога конечно во 22:30 часот ја скршиле вратата од станот, биле пречекани со морничава сцена.
Во локва крв лежеле девојчињата, а до нив стоел таткото со нож во рацете. Откако не ги послушал наредбите да го фрли оружјето, полицијата била принудена да употреби огнено оружје. За жал, обидите да се спасат децата биле залудни – тие веќе не давале знаци на живот. Во другата просторија било пронајдено и телото на мајката.
Очевидци од зградата велат дека слушнале истрели и виделе како полицијата влегува вознемирена во станот. „Децата на мојата пријателка си играа со тие девојчиња секојдневно. Никој не можеше да замисли вакво нешто“, изјавила соседка која сè уште е во шок.
Според властите, семејството било со алжирско потекло. Осомничениот, кој бил ранет при интервенцијата и однесен во болница, бил поранешен сопруг на жртвата. Таа подолго време живеела под закана – полицијата претходно имала интервенции поради семејно насилство, а разводот бил финализиран пред околу два месеци.
Обвинителството откри дека жртвата вечерта имала контакт со полицијата, но не изразила сериозни сомнежи дека се наоѓа во непосредна опасност. Токму затоа трагедијата уште повеќе ја потресе јавноста и полицијата, која не очекувала да се соочи со толку брутален злостор.
Овој случај уште еднаш ја отвора болната тема за семејното насилство и неговите најстрашни последици, оставајќи ја јавноста со прашањето – можело ли оваа трагедија да се спречи?