Во новата книга на новинарите Роман Баданин и Михаил Рубин се појавија шокантни тврдења за личниот живот на Владимир Путин. Според авторите, рускиот претседател бил во блиска врска со манекенката Алиса Харчева, позната по тоа што во 2010 година позирала во еротски календар посветен нему.
Во книгата „Цар лично. Како нè измами Владимир Путин“ се наведува дека токму Путин го финансирал календарот и преку него стапил во контакт со девојките. Харчева наводно била поканета во претседателската резиденција и речиси една година редовно го посетувала.
Во тој период, таа успеала да се запише на престижниот универзитет МГИМО, иако не успеала на приемниот за Московскиот државен универзитет – нешто што авторите го опишуваат како „подарок“ од Путин. Неколку години подоцна, медиумите објавија дека на само 23 години станала сопственичка на луксузен стан во Москва, наводно обезбеден преку луѓе блиски до олигархот Аркадиј Ротенберг.
Дополнително, книгата тврди дека нејзиниот татко добивал редовни месечни уплати од државна компанија за да молчи за врската.
Кремљ, пак, целосно ги отфрли овие обвинувања. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека Путин нема никаква поврзаност со лицата од книгата и ја нарече приказната „измислица“.