Во период од нешто повеќе од два месеци, во Грција животот го загубиле 30 граѓани од Србија, а најчеста причина за смрт биле срцеви и мозочни удари, покажуваат податоците на српските дипломатски претставништва.
Според д-р Бисерка Обрадовиќ, постарите лица се најмногу изложени на ризик, бидејќи одат на море неподготвени и ненавикнати на физичка активност. Наглото пливање или престојот долго време во вода може да доведе до миокардна исхемија или мозочен удар.
Дополнителен ризик носи и ненадејното влегување во студена вода по изложеност на високи температури. Телото нагло ги стеснува крвните садови, што често завршува со срцев или мозочен удар.
Од 1 јуни до денес, Конзулатот во Солун издал 23 смртни изводи, а Амбасадата во Атина – уште 7, од кои две за давење во морето.
Лекарите предупредуваат дека сончањето без контрола и преголемата изложеност на топлина може да предизвикаат крварења и дополнителни компликации, што ова лето го направи особено црно за туристите.