ПРВ.мк
Црна Хроника

Албанија гори: Над 55 илјади хектари земја уништени од пожари – најцрн рекорд во регионот

Албанија гори: Над 55 илјади хектари земја уништени од пожари – најцрн рекорд во регионот

Албанија годинава се соочува со најтешката сезона на пожари во последните пет години. Според официјалните податоци, досега се уништени 55.154 хектари земјиште, со што земјата се најде на прво место во регионот по изгорени површини.

Според анализата на Euronews Albania, ова е најголемиот број на оштетени хектари од 2020 година наваму. Минатата година беа зафатени 46.623 хектари, додека во претходните години бројките биле пониски. Историски гледано, најтешка година за Албанија останува 2007 година со рекордни 127.491 хектари опожарени површини, а потоа следуваат 2011 со 54.370 и 2012 година со 53.459 хектари.

Во споредба со соседните земји, Албанија убедливо води со најголема штета од огнената стихија. Зад неа е Босна и Херцеговина со 26.705 хектари, Македонија со 26.522, Црна Гора со 24.054, Србија со 21.211, Косово со 11.892 и Хрватска со 2.944 хектари опожарено земјиште.

И покрај мрачната статистика, властите пренесуваат дека ситуацијата последниве денови е подобрена. Министерството за одбрана на Албанија информираше дека денеска се регистрирани пет пожари, од кои три се активни, а два се ставени под контрола.

Големите загуби од пожарите ја отворија темата за долгорочни мерки и подобра координација со европските механизми за справување со природни катастрофи, бидејќи Албанија во 2025 година се најде пред една од најсериозните еколошки кризи во регионот.

Escape