Од понеделник започнува промена на регистарските таблици за над 6.000 службени возила во државата. Функционерите од Владата, министерствата и другите институции ќе мора да користат автомобили со црвени таблици и жолти букви и бројки, а процесот треба целосно да заврши до 20 септември.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, објасни дека целта на оваа промена е да се спречат злоупотреби на државните возила за партиски активности и митинзи во пресрет на локалните избори.
„Таблиците се веќе набавени и распределени низ магацините на МВР. Очекуваме динамичен процес кој ќе заврши во предвидениот рок. Ќе направиме пресек по десет дена за да видиме дали институциите навреме ги исполнуваат обврските“, изјави Томовски.
Иако за институциите што нема да ја почитуваат оваа одлука засега се предвидени само опомени, не се исклучува можноста за законски измени со кои ќе се воведат и казни. „Ако институциите не постапуваат, ќе пристапиме кон нови правилници со казнени одредби, затоа што злоупотребата на службените возила мора еднаш засекогаш да престане“, додаде Томовски.
Сепак, не сите службени автомобили ќе бидат обележани. Исклучок ќе бидат возилата на инспекциските служби, МВР и Армијата, кои мора да останат со непрепознатливи таблици.
Службата за општи и заеднички работи најави и отворање телефонска линија и имејл адреса, преку кои граѓаните ќе можат директно да пријавуваат злоупотреба на службени возила, а пријавите ќе бидат проследени до надлежните органи.