Владејачката коалиција во Република Српска донесе одлука да распише референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и за одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) за одземање на мандатот на претседателот Милорад Додик. Како можни датуми се утврдени 18 или 25 октомври.
Конечниот датум ќе биде утврден во Одлуката за распишување на референдумот, која ќе се најде на дневен ред на седницата на Народното собрание на Република Српска во петок.
Оваа временска рамка, според властите, остава простор потребните измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива, како и самата Одлука за референдум, да поминат низ сите институционални филтри – најнапред Народното собрание, потоа Советот на народите, а доколку се покренат прашања од витален национален интерес, и Уставниот суд на Република Српска.
Одлуката за референдум доаѓа по тоа што на 18 август Апелациониот оддел на Судот на БиХ ја отфрли жалбата на правниот тим на Додик против решението на ЦИК за одземање на неговиот мандат.
Инаку, ЦИК на 6 август ја донесе одлуката за престанок на мандатот на Милорад Додик поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
Со ова, октомври може да стане месец на едно од најконтроверзните и најзначајни политички изјаснувања во поновата историја на Република Српска.