ПРВ.мк
Балкан

СЛЕДУВА ГОЛЕМА ПРОМЕНА: Се укинува деветолетката!

СЛЕДУВА ГОЛЕМА ПРОМЕНА: Се укинува деветолетката!

Словенија подготвува голема промена во основното образование, со која сегашниот модел на деветгодишно основно училиште би бил заменет со осумгодишна основна школа и задолжителна предучилишна година.

Најавата ја даде министерот за образование, наука и млади Борут Рончеvić при претставувањето на резултатите од истражувањето PISA 2025. Резултатите покажале пад кај словенечките 15-годишници во читање, математика и природни науки, што според министерот претставува сериозно предупредување и причина за темелна промена на образовниот систем.

Како би изгледал новиот модел?

Иако најавата се опишува како „укинување на деветолетката“, децата и понатаму би поминувале вкупно девет години во задолжително образование.

Клучната промена би била во организацијата на тие години. Сегашното прво одделение би било трансформирано во задолжителна предучилишна година, додека основното училиште би траело осум години.

Предучилишната година би можела да се реализира во градинките или во просториите на основните училишта, при што поголема улога би имале воспитувачите.

Според досегашниот план, осумгодишното основно образование би започнало да се применува од учебната 2028/2029 година.

Реформата, сепак, не се однесува само на бројот на години поминати во основно училиште. Предвидени се и нови наставни програми, промени во националното проверување на знаењето и матурата, како и поголемо внимание на основните знаења и на јасно поставените стандарди за оценување.

Причината се и резултатите од PISA

Како една од главните причини за промените се наведуваат резултатите од истражувањето PISA 2025.

Според објавените податоци, словенечките ученици постигнале послаби резултати во сите три области што биле тестирани – читање, математика и природни науки.

Од Министерството реформата ја опишуваат како поширока промена на функционирањето на училиштата, а не едноставно враќање на стар модел на осумгодишно образование.

Новата „осумлетка“, според најавите, би требало да донесе посистематичен пристап во основното образование. Планот вклучува порано описменување, дополнителна поддршка за учениците кои имаат потешкотии во совладувањето на материјалот, но и поспецифичен пристап кон учениците со посебни способности и надарените ученици.

Директорите и родителите бараат дополнителни анализи

Најавата за реформата веќе предизвика реакции во словенечкиот образовен сектор.

Здружението на директори на словенечките училишта оцени дека најавената промена дошла како изненадување и отворило прашања за тоа како би се спровела во пракса и какви последици би можела да има врз училиштата.

Реакција стигна и од Здружението на активи на советите на родители. Оттаму побараа пред носењето крупни одлуки да се направи детална анализа на постојниот систем.

Според нив, по повеќе од две децении функционирање на деветгодишното основно образование сè уште не постои целосна евалуација на неговите резултати, предности и слабости.

Словенечкото Министерство за образование најави дека до крајот на септември ќе биде формиран стратешки совет. Тој треба да работи на подготовката на реформата и на новиот модел на основно образование.

Целта е промените да бидат подготвени за воведување од учебната 2028/2029 година.