ПРВ.мк
Балкан

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО БАЛКАНСКА ДРЖАВА: Две лица повредени, ова е најмоќниот потрес во земјата од 2018 година!

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО БАЛКАНСКА ДРЖАВА: Две лица повредени, ова е најмоќниот потрес во земјата од 2018 година!

Земјотрес со магнитуда од 5,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Романија во текот на ноќта, при што две лица се здобиле со повреди. Информацијата ја соопштија романските власти, а ја пренесе германската новинска агенција ДПА.

Според службите за цивилна заштита, двете лица биле повредени откако за време на земјотресот мебелот во нивните станови се превртел. Иако има пријавени повреди, засега не се регистрирани поголеми материјални штети.

Од ДПА посочуваат дека значителен дел од повиците упатени до итните служби биле од граѓани кои доживеале напади на паника по силното тресење.

Романскиот Национален институт за истражување и развој во областа на физиката на Земјата потврди дека станува збор за најсилниот земјотрес што ја погодил земјата по потресот со магнитуда од 5,8 степени во 2018 година.

Епицентарот бил лоциран во регионот Вранча, во Источните Карпати. Оваа област е позната како сеизмички најактивен дел од Романија, каде што се регистрираат најголемиот број земјотреси во земјата.

Потресот ги разбудил и корисниците на паметни телефони, откако системот на „Андроид“ за предупредување од земјотреси испратил звучно известување. Сепак, во пораката била наведена поголема магнитуда од официјално измерената – 6,5 степени.

ДПА потсетува дека последниот земјотрес во Романија со смртни последици се случил во 1977 година. Тогаш земјотресот со јачина од 7,4 степени однел повеќе од 1.500 човечки животи, а биле уништени и околу 35.000 станови.

Најнови вести