ПРВ.мк
Балкан

СИТЕ ЌЕ УМРЕМЕ УШТЕ ВЕЧЕРВА“: Цанов објави пораки од Михаилова и нејзината мајка – барале да ја повлече снимката!

СИТЕ ЌЕ УМРЕМЕ УШТЕ ВЕЧЕРВА“: Цанов објави пораки од Михаилова и нејзината мајка – барале да ја повлече снимката!

Бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави ново видео во кое презентира пораки и делови од телефонски разговори со Ива Михаилова и нејзината мајка Христина. Тој тврди дека двете се обидувале да го убедат да ја повлече претходно објавената снимка во која се зборува за наводни притисоци од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).

Според објаснувањето на Цанов, Михаилова му испратила порака само неколку минути откако било објавено неговото прво видео, во кое таа зборувала за наводен притисок од бугарските безбедносни служби. Во преписката, како што тврди јутјуберот, таа изразила сериозен страв за сопствената безбедност, но и за животот на своите родители.

Меѓу пораките што ги прикажал во новото видео е и барањето веднаш да ѝ се јави, проследено со предупредување: „Јави ми се веднаш. Крени ми зашто сите ќе умреме уште вечерва“.

Цанов тврди дека Михаилова го молела да ја отстрани снимката, плашејќи се од последиците поради информациите што претходно му ги споделила. Тој објаснува дека пораките подоцна биле избришани, но дека пред тоа направил видеоснимка од нивната преписка.

Во објавениот материјал има и дел од телефонски разговор со жена за која Цанов тврди дека е мајката на Михаилова. Според она што го презентирал, таа побарала да не се споменуваат безбедносните служби, посочувајќи дека тоа е нејзиниот единствен услов. Во спротивно, како што наводно рекла, би можела да биде ликвидирана.

Јутјуберот наведува дека ги поседува и целосните аудиоснимки од разговорите, кои, според неговите тврдења, траат повеќе од два часа. Тој изјавил дека е подготвен да ги достави за проверка.

Овој случај претходно привлече внимание откако Цанов објави снимка од разговор со Ива Михаилова, во која таа зборуваше за наводни притисоци од ДАНС поврзани со нејзините медиумски настапи, како и со условите за добивање финансиска и друга поддршка за лекување и правна помош.

Во тогашниот разговор, според нејзините тврдења, од неа било побарано најпрво да даде интервју кај новинарот Мартин Карбовски. Таа посочила дека доколку претходно гостува на друга телевизија или медиум, би можела да ја изгуби поддршката за рехабилитација и обезбедување адвокати. По овие случувања, Михаилова навистина гостуваше кај Карбовски.

Сепак, на 15 ноември таа објави порака на социјалните мрежи во која порача дека никој во Бугарија не ја принудувал да направи нешто против својата волја.

„Тука добив помош, грижа и поддршка“, напиша Михаилова, истовремено упатувајќи апел до јавноста да ја остави на мир за да може да се посвети на своето лекување.