ПРВ.мк
Свет

ПЛАНИРАЛ АТЕНТАТ ВРЗ ТРАМП: Доби огромна затворска казна!

ПЛАНИРАЛ АТЕНТАТ ВРЗ ТРАМП: Доби огромна затворска казна!

Американски суд го осуди пакистанскиот државјанин Асиф Мерчант (48) на 330 месеци, односно 27 години и 6 месеци затвор, поради планирање завера за убиство на американскиот претседател Доналд Трамп и други истакнати американски политичари по налог на Иран, соопшти утринава американското Министерство за правда.

Мерчант во март беше прогласен за виновен од страна на сојузната порота за доаѓање во САД со цел организирање политички атентати на американско тло.

Американските обвинители наведоа дека тој се обидел да регрутира соработници за планот кој, освен Доналд Трамп, го опфаќаше и тогашниот претседател Џо Бајден и Ники Хејли, која во 2024 година беше републикански претседателски кандидат.

Завера како одмазда за убиството на иранскиот воен командант

Според наводите на обвинителството, заверата била замислена како одмазда за убиството на иранскиот воен командант Касем Сулејмани во американскиот напад во 2020 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп.

Мерчант за време на судењето сведочеше дека им се придружил на заверениците заедно со припадници на иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда, но неволно, со цел да го заштити своето семејство во Техеран.

Тој наведе дека никогаш не му било наредено да убие одредена личност, но дека иранскиот раководител за време на разговорите во Техеран му споменал три имиња.

Планот бил спречен пред да дојде до напад.

Лицето со кое Мерчант стапил во контакт во април 2024 година за да му помогне во реализацијата на заверата ги пријавил неговите активности на американските власти и станал доверлив доушник.

Мерчант беше уапсен истата година и се изјасни дека не е виновен.

Иран негираше дека планирал напади врз Трамп или други американски функционери.

Судењето во њујоршки Бруклин започна кон крајот на февруари, неколку дена пред Трамп да нареди американски напад на Иран во соработка со Израел, со што започна војната во Иран, наведува Ројтерс.