Окружниот суд на Западна Австралија на 17 ноември ѝ изрече пресуда на 34-годишната наставничка по музичко Наоми Текеа Крег, осудувајќи ја на осум години и шест месеци затвор. Таа ја призна вината по 12 точки од обвинението за сексуални престапи врз ученик, кој во моментот на првата злоупотреба имал само 12 години.
Како наставничката се вовлекла во семејството?
Крег, која била вработена како наставничка во Англиканското училиште „Фредерик Ирвин“ во Медоу Спрингс, го запознала момчето во 2023 година во училиште во градот Мандура, каде што свирело во музичката група што таа ја водела. Набргу се спријателила со неговата мајка и продолжила да одржува контакт со детето дури и откако тоа преминало во друго училиште, пренесува „New Zealand Herald“.
Наставничката редовно го возела на часови, а стекнала толку голема наклонетост кај семејството што имала и клуч од нивната куќа. Според податоците од истрагата, првите случаи на злоупотреба се случиле токму во семејниот дом на момчето. Злосторствата траеле во континуитет од август 2024 до декември 2025 година.
За да ја задржи контролата врз тинејџерот, Крег го опсипувала со подароци и му плаќала претплата за музичка платформа. Кога момчето ќе се обидело да ја прекине комуникацијата и да се дистанцира, таа му се заканувала дека ќе му ја укине претплатата.
Клопчето почнало да се одмотува во декември 2025 година, кога мајката на момчето сосема случајно открила снимка од домашната надзорна камера. Веднаш ја алармирала полицијата, а Крег била уапсена истиот ден. По покренувањето на постапката, училиштето во кое работела ја суспендирало до завршување на судскиот процес.
Посебен шок во овој случај следувал во јануари 2026 година, кога наставничката, додека веќе била под истрага, родила дете. Комесарот на полицијата на Западна Австралија, Кол Бланч, потврдил дека е направена ДНК-анализа и дека полицијата има докази оти биолошки татко на бебето е токму малолетното момче кое го злоупотребувала.
За време на траењето на постапката, случајот по итна процедура бил проследен до повисокиот Окружен суд, а Крег се бранела од слобода со кауција под строг услов да нема никаков контакт без надзор со кое било дете, освен со сопственото новороденче.
Откако ја признала вината по сите точки од обвинението, судијата Џон Прајор ги оценил постапките на просветната работничка како груба злоупотреба и нарушување на довербата. Според изречената пресуда, Наоми Текеа Крег ќе стекне право да поднесе барање за условен отпуст дури откако ќе отслужи најмалку шест години и шест месеци затворска казна.







