ПРВ.мк
Балкан

ЕДИ РАМА СО ОСТРА ПОРАКА ЗА МАКЕДОНИЈА: Бугарите треба да бидат внесени во Уставот!

ЕДИ РАМА СО ОСТРА ПОРАКА ЗА МАКЕДОНИЈА: Бугарите треба да бидат внесени во Уставот!

Албанскиот премиер Еди Рама смета дека бугарското малцинство треба да биде внесено во Уставот на Северна Македонија, оценувајќи дека за ова прашање веќе нема причина за несогласувања меѓу Скопје и Софија.

Рама го изнесе својот став во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), каде што беше прашан дали и понатаму има причини за несогласување со бугарското раководство. Прашањето се однесуваше и на неговата изјава од пред три години, кога порача дека не се согласува целосно со позициите на Софија.

Албанскиот премиер одговори дека тогаш политичките околности биле поинакви, бидејќи сè уште не бил постигнат договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, со француско посредништво.

„Не. Не, бидејќи тогаш, како што се сеќавате, стануваше збор за ситуацијата пред таканаречениот договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, постигнат со француско посредништво. Сметам дека сега нема причина за несогласување, бидејќи потребата бугарското малцинство да биде внесено во Уставот на Северна Македонија е сосема јасна. Тоа произлезе од договорот меѓу двете земји“, изјави Рама.

Со оваа изјава, тој повторно го изрази ставот дека уставните измени и внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав се прашање што произлегува од договорената рамка меѓу двете земји.